Редовното практикување физичка активност комбинирано со здрава исхрана и квалитетен сон се значајни за одржување на добро здравје. Физичката активност докажано е дека придонесува за здравствени предности, како добро здравје и претставува добра здравствена превенција. Го подобрува расположение и ја подобрува способноста за учење.

Зборуваме за трчањето со Кокан Ајановски, повеќекратен државен шампион во трчање, македонски атлетски репрезентативец и тренер во својот атлетски клуб и школа за трчање, „Nike школа за трчање“.


Кокан, дали можеш да издвоиш кои 5 најзначајни работи треба да ги знаат почетниците во трчање, а кои 5 оние кои се подготвуваат за својот прв полумаратон/маратон?

За почетниците:

  1. да имаат патики за трчање
  2. да знаат како се трча правилно
  3. да се облечни соодветно на временските услови
  4. да имаат цел
  5. да напредуваат малку по малку во континуитет

 За поискусните:

  1. да се консултираат со тренер
  2. да трчаат по однапред дефинирана програма
  3. да вежбаат
  4. да внимаваат на исхрана, да одат на масажа и редовно да се истегнуваат
  5. да уживаат во процесот на подготовка кој трае со месеци


Дали почетниците во трчање треба да следат план за тренинг? Ако треба, кои се твоите препораки?

Почетниците во трчање најважно е да го засакаат трчањето и тоа да го прават со љубов. Секогаш кога ќе помислат на трчање, едвај да чекаат да дојде, а не да се случи тоа да биде без волја и со сила. Тој пристап ќе ги донесе до редовно трчање и така ќе ги откријат убавините на најдобриот спорт на светот 🙂 Логично е дека планот значително ќе придонесе за напредок во трчањето.


Кои се твоите 3 најзначајни совети за правилно трчање?

(одговорот е во првото прашање,нели кажавме по 5)


Кои се најзначајни грешки кои се прават при трчање?

Обично тоа знае да биде поставување на високи цели, а кратко време за нивна реализација. На тој начин доаѓа до разочарување и најчесто откажување. Како чести грешки се јавуваат и избегнување на истегнување после тренинг и недоволно загревање пред трчањето. Тоа може да доведе до повреда.

 

Дали има подобро време за трчање и од што зависи тоа: утринско пред да започнат работните обврски, веднаш по работно време или пак во вечерните часови?

Тоа е индивидуална работа. Ако ме прашате мене, јас го фаворизирам утринското трчање и сметам дека е најдобро и најефикасно. Но, тешко може да убедите некој што сака да спие многу, дека во недела треба да стане рано наутро и да трча во 5ч. Затоа, најпаметно е секој да си го пронајде своето најдобро време за трчање. Тоа може да варира зависно од обврските и во каква животна фаза сме. Но,сепак, не е толку важно кога трчаме, туку најважно е редовно да трчаме 🙂


Колку е значајна исхраната за трчањето?

Многу! Ако сакаме да имаме успех во трчањето, мора да се исхрануваме здраво и правилно. Доколку не внимаваме што јадеме, може да се случи “залудно” да биде нашето трчање и тешко да ја оствариме целта која е пред нас!


Неодамна ја објави твојата книга „Трчањето ме учи“, што можат да прочитаат читателите во неа?

Во мојата книга се обидов да ја пренесам целата моја голема љубов која ја имам за трчањето и како таа влијае не само на трчањето, туку и во мојот приватен живот. Трчањето е мојот учител кој ме учи како да го живеам животот најдобро што знам и умеам. Во кратки раскази има големо искуство кое го стекнав во повеќе од 10 години трчање и кое се надевам ќе придонесе за инспирација и мотивација кај многу луѓе.

 

Имаш свој атлетски клуб и школа за трчање, „Nike школа за трчање“. Како некој почетник или љубител на трчање може да се приклучи во твојата школа? Може ли да споделиш со нас како се одвиваат тренинзите, колку често и колку активно?

Секој може да ни се приклучи во било кое време од годината. Добредојдени се сите рекреативци на било која годишна возраст, а исто и оние кои сакаат да трчаат на професионално ниво во Македонија. Групни тренинзи се бесплатни и имаме 4 пати во неделата, а се одвиваат во Скопје (најчесто на кејот на Вардар, во градскиот парки или на Водно). Постои можност и за индивидуални тренинзи како и on line тренинзи. Трчаме во текот на целата година.


Кое е твоето мото што те води напред?

Никогаш не се откажувај е дефинитивно мото кое ме води напред и според мене е најважното нешто за успех во било која сфера во животот! Најлесно е да се откажеме, но секогаш кога ќе посакаме да се откажеме може да си го поставиме ова прашање: Од кого се откажувам? Од себе?

 


Ти благодариме Кокан за одвоеното време!
Се гледаме на некоја патека за трчање 🙂