Со првото вработување луѓето стануваат дел од пензискиот систем и од системот на капитално финансирано пензиско осигурување. Токму затоа треба навремено и правилно да се информираат за своите права.

Секој кој е помлад од 40 години  во рок од три месеци од своето прво вработување има право да избере пензиски фонд каде што ќе има своја лична пензиска сметка, на која ќе се акумулираат придонесите и приносот од инвестирањето на средствата.

Покрај тоа членовите од вториот пензиски столб, имаат право во секое време да го променат задолжителниот пензиски фонд во кој членуваат. Преминот се прави со потпишување на договор за премин и изјава за согласност.

Доколку членството во постојниот фонд е пократко или еднакво на 720 дена, потребно е да се плати надоместок за премин, а доколку периодот на членство е подолг од 720 дена преминот е бесплатен.

Меѓутоа секој член пред да донесе ваква важна одлука за својата иднина и да преминеме во друг задолжителен пензиски фонд, потребно е добро да се информира и да направи споредба на остварените приноси на фондовите и надоместоците кои ги наплатуваат.

Покрај овие основни информации членот треба да се советува и да се информира и за  карактеристиките на инвестициската стратегија на фондот, достапноста на друштвото од аспект на дигитални и физички канали на комуникација, транспарентноста, како и човечкиот и техничкиот потенцијал на пензиското друштво.

Преминот во друг задолжителен пензиски фонд е сериозна одлука која што може значително да влијае на пензијата во иднина. Токму затоа таа треба да биде базирана на проверени информации кои редовно се објавуваат на веб страната на Друштвото www.sava-penzisko.mk, на веб страната на МАПАС www.mapas.mk или да се закаже состанок со агент на 02/15-500 кој ќе одговори на сите прашања.