Бојана Пачемска е студент на факултетот за економија на Универзитетот Американ Колеџ во Скопје, конкретно во насоката маркетинг.

Повеќе од 1 години е вклучена во AIESEC Македонија, најпрво како член на маркетинг тимот, сега и како Национален директор за маркетинг и Претседател на организацијата 2021-2022.

Волонтерството и е главна пасија во последните 5 години, а покрај студирање и волонтирање, слободното време го посветува на следење на локални настани поврзани со младински активизам, поезија, локални музички артисти, како и развивање на вештини од графички дизајн.

Моментално работи на YouthSpeak Forum, проект кој го организира AIESEC на глобално ниво и моментално се организира во повеќе од 100 земји.

Кажете ни нешто повеќе за Youth Speak Forum

YouthSpeak Forum е настан од младите за младите. Платформа чија главна цел е мотивирање на младите за вклучување во дискусии поврзани со општествените проблеми и нивна инклузија во brainstorming и донесување на потенцијални решенија за истите. Настанот е онлајн, прв од ваков тип во нашата држава наменет за сите млади кои со помош приватниот и невладиниот сектор ќе ги разработуваат проблемите од сферата на едукација и климатски промени како проблеми кои најмногу ги загрижуваат младите во Македонија. YouthSpeak Forum дава простор за искажување на мислење и стекнување нови знаења, а истовремено и придонесување кон подобрување на општеството.

На кои активности ќе се фокусира Youth Speak Forum, како дел од проекти базирани на Целите за Одржлив Развој на Обединетите Нации?

 YouthSpeak Forum како настан, преку панел дискусии, работилници заедно со невладиниот и приватниот сектор, како и простор за дискусија, ќе имаат можност да се едуцираат за проблеми, да споделат размислување, меѓутоа и да ја развијат способноста за критичко размислување преку пронаоѓање на решенија за проблемите. Преку атмосфера на отворено споделување на  мислења, едукација преку директна работа на случај и простор за networking помеѓу младите, невладиниот и приватниот сектор, се стреми на развивање на младите и нивната вклученост при решавање на општествени проблеми.

Youth Speak Forum е најавуван како простор за networking и запознавање со компании и невладини организации. Кои се очекувањата за оваа година од одржувањето на Форумот? Кои се најавени учесници?

Како прв настан од ваков карактер во нашата држава, YouthSpeak Forum опфаќа повеќе стеикхолдери кои се засегнати од проблемите со климатски промени и квалитетното образование. Овие стеикхолдери од страна на приватниот сектор како златен партнер ја имаме една од најдобрите компании за информатичка технологија –Polar Cape и како сребрен партнер, водечкиот бренд за услуги во доменот за енергија и животна средина -EVN. Спонзор на настанот е ФАРМАХЕМ –приватна компанија за трговија со лабараториска опрема и еколошки консалтинг.

Од невладиниот сектор поддршка на настанот ни даваат Go Green, Pel, Маша Марија, Монтесори, Impact Foundation, како и Центар за Климатски Промени. Поддршка добивме и од други организации, конкретно EESTEC, IAESTE, BEST, Радио МОФ, меѓутоа и медиумот Лице в Лице и Apliciraj.mk.

Што беше за вас најголем предизвик во подготовка на ваков глобален настан?

Најголемите проблеми во однос на настанот беа поврзани со заинтересираноста и вклученоста на младите во решавање на општествени проблеми. Истражувањето ни покажа дека младите немаат доволно самодоверба во споделување на својот глас, како и сметаат дека споделување на истиот нема да има голем импакт во општеството. Свеста за проблемите во нашето општество и влијанието на неформалното е сеуште на недоволно развиено ниво. Ова е главниот предизвик со кој се соочивме, и е вооедно табу тема која сакаме да ја разбиеме и да им помогнеме на младите да ја разберат важноста и нивната вклученост во донесување на одлуки во општеството.

AIESEC е најголема светска организација предводена од млади, присутна во повеќе од 114+земји, со повеќе од 70 години искуство во развивање на лидерство кај младите. Како избран Претседател на AIESEC Македонија за 2021-2022, дали можеш да споделиш со нас кои се идните планови на организацијата? Како можат младите да ви пристапат и да се приклучат на организацијата?

Она на што ќе продолжиме да работиме во AIESEC е креирање на проекти и можности со цел развивање на младинскиот потенцијал кај младите и самодоверба која им е потребна со цел да ги создадеме лидерите на иднината. Покрај креирање на вакви проекти каде младите ќе можат да работат на себеси, начинот на кој AIESEC развива лидерство е и преку меѓународна размена на студенти во други држави, како и членување во самата организација. Во план сме на отварање на нов регрутациски процес во текот на наредниот месец за што ги мотивирам младите да го направат овој чекор кој буквално ќе им го промени животот.

Неформалното образование преку практична работа помага при развивање на вештини како креирање на проекти, маркетинг, јавно говорење, менаџирање со ресурси,  стратешко и критичко размислување преку планирање на идни цели и стратегии, меѓутоа и социјализирање, дискусија, споделувања на искуства и ставови и многу други можности кои помагаат при градење на личноста персонално и професионално.